Уапсени осомничени терористи и криминалци
Четворица уапсени за подготовка на терористички напади. Под истрага и 18 припадници на криминална група „Беланоца“. Расветлени седум убиства, меѓу кои и тоа во Шиша бар -информираше министерот за внатрешни работи, Тошковски...

Разбиена е терористичка ќелија. Приведени се четворица, тројца од Гостивар и еден од Струга. Сите со идеолошка матрица на ИСИС – информираше министерот за внатрешни работи, Тошковски. Планирале терористички напади на цивилни цели и јавни објекти во Македонија, но и пошироко. Судија на претходна веќе постапи по предлогот на Основното јавно обвинителство и одреди 30 дневна мерка притвор.
Сузбиена е и 18-члена криминална група од скопското подземје. Од нив осуммина се приведени. Тие подолг временски период се вклучени во кривични дела со насилен криминал, трговија со оружје, изнуда и убиства, меѓу кој и убиството во Шиша бар. Со оваа акција на полицијата, министерот Тошковски најави расчистување на седум убиства.
Дел од членовите на овие групи успеале да им избегаат на органите на прогонот, по претходна дојава.
Министерот Тошковски им порача на т.н. нечесни полицајци дека со нив ќе се постапува исто како со криминалци. Истото се однесува и за тие кои ги координирале, откако ќе бидат обезбедени докази.
Марина Стојанова – Тонева
