Самит ЕУ-Западен Балкан

Декларација за забрзано пристапување во ЕУ

17.12.2024 09:12

На претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел предвидено е усвојување заедничка Декларација со која се потврдува целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на земјите од Западниот Балкан во Европската унија...

На претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел предвидено е усвојување заедничка Декларација со која се потврдува целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на земјите од Западниот Балкан во Европската унија.

„Постои нова динамика во процесот на проширување. Забрзано пристапување врз основа на правична условеност и принцип на заслуги е во наш заеднички интерес“, се наведува во Декларацијата што се очекува да биде потпишана од ЕУ и шефовите на држави и влади од Западниот Балкан.

Во текстот од Декларацијата се посочува дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи се сржта на Европската унија, па затоа од суштинско значење е спроведување на билатералните договори со добра волја и со видливи резултати, вклучително и на Преспанскиот договор и договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија.

Претседавачот на Европскиот совет Антонио Кошта во специјална видео порака пред одржувањето на Самитот во среда порача дека иднината на регионот е во Унијата.