Протест

Мирен протест пред ООУ „Љубен Лапе“, родителите бараат да се реши проблемот со небезбедната крстосница

17.12.2024 09:32

Поради големиот број сообраќајни незгоди на улицата „Васко Карангелески“, во близина на ООУ „Љубен Лапе“, заради постојниот сообраќаен режим и изведбата на сообраќајницата, Советот на родители во повеќе наврати реагирал до надлежните власти и институции да се реши проблемот...

Родители на ученици од ООУ „Љубен Лапе“ и жители на Аеродром утрово одржаа мирен протест пред училиштето со барање да се реши проблемот со небезбедната крстосница на улиците „Васко Карангелески“ и „Коста Новаковиќ“. Тие велат дека е сериозно загрозена безбедноста на учениците, родителите, жителите во оваа област, но и на останатите учесници во сообраќајот.

Поради големиот број сообраќајни незгоди на улицата „Васко Карангелески“, во близина на ООУ „Љубен Лапе“, заради постојниот сообраќаен режим и изведбата на сообраќајницата, Советот на родители во повеќе наврати реагирал до надлежните власти и институции да се реши проблемот, но сè уште нема разрешница за безбедно користење на оваа улица.

Советот на родители апелира и бара релевантните и надлежни институции да донесат одржливо решение за овој проблем и да преземат мерки за зачувување на безбедноста на учениците, а и на сите учесници вклучени во сообраќајот на оваа улица.