Скопје

Протест на родителите на ученици од „Љубен Лапе“, бараат решение за крстосницата што ја загрозува безбедноста

17.12.2024 12:39

Родители, наставници и ученици од основното училиште „Љубен Лапе“ од Скопје излегоа на протест за да алармираат за крстосница што ја загрозува безбедноста на учесниците во сообраќајот …

Со транспаренти во рацете, родители на ученици од основното училиште „Љубен Лапе“ и жители на општина Аеродром одржаа мирен протест со барање да се реши проблемот со небезбедната крстосница на улиците „Васко Каранѓелески“ и „Коста Новаковиќ“, која од самото пуштање е црна точка на која се случиле голем број сообраќајни незгоди.

Од Советот на родители повеќе пати реагирале до надлежните власти и институции, но проблемот сè уште не е решен.

Директорката на училиштето, Фоника Станоева, рече дека се неопходни итни мерки, како поставување на семафори, за безбедно преминување на улицата.

Поддршка на протестот даде и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески кој рече дека се обратиле до Град Скопје со барање за решавање на проблемот за безбедно користење на оваа улица.

Советот на родители апелира надлежните власти и институции да донесат одржливо решение за безбедност на учениците и на сите учесници во сообраќајот, во спротивно доколку не се реши овој проблем, протестите ќе ги радикализираат со блокирање на улици.

Мартин Николовски