Блиски Исток

Сиријците не веруваат во тврдењата на Асад

17.12.2024 12:16

Асад немал намера да ја напушти Сирија, бил во Дамаск на 8-ми декември по упадот на бунтовниците и планирал да се бори – прво јавно соопштение на соборениот сириски лидер на социјалните мрежи. Жителите со потсмев за неговите тврдења. Москва да го преиспита своето присуство во земјата, а Тел Авив да престане со нападите-бараат новите власти.

Први јавни коментари на соборениот сириски лидер објавени на социјалните мрежи. Асад тврди-немал намера да ја напушти земјата, планирал да продолжи со борба откако во координација со руските сојузници бил префрлен во базата во Латакија. Сепак, Москва решила да го премести во Русија откако објектот бил нападнат.

„Во ниту еден момент за време на овие настани не размислував да се повлечам или да барам засолниште. Не ја напуштив земјата како што беше објавено претходно. Единствениот начин на дејствување беше да се продолжи со борбата против терористичкиот напад“, тврди Асад во неговото соопштение.

Жителите на Дамаск скептични околу неговите тврдења.

„Секој кој е паметен знае дека тој многу одамна го напуштил својот народ“, изјави Амал ал-Калди – сириска жителка на Дамаск.

„Планот е многу очигледен – да ги згрижи своите деца и сопругата во Русија, за ако народот и војската го напуштат, да може да побегне кај нив“, изјави Мохамед Ал-Харири – сириски државјанин од Дара.

Новата сириска влада ја повика Москва да го преиспита своето присуство во земјата додека руски воени возила продолжија да се повлекуваат од базата во Латакија кон Тартус.

„Русија треба да го преиспита своето присуство и нејзините интереси на сириска територија кои беа врзани со криминалниот режим на Асад. Можат да размислат и да иницираат контакти со новата администрација, да покажат дека не се непријатели и дека ерата на Асад конечно заврши“, рече Обеида Арнаут – портпарол на политичкиот оддел на новата сириска преодна влада.

Ситуацијата сепак, останува непредвидлива. Израелските трупи продолжија да дејствуваат во демилитаризираната тампон-зона во Голанската Висорамнина. Водачот на бунтовниците Ал Шара изјави дека не сака конфликт со Тел Авив, но дека Израел повеќе нема оправдување за воздушните напади откако присуството на Хезболах и проирански групи во Сирија веќе ги нема. Побара војската веднаш да биде повлечена, а нападите прекинати. Во истовреме, Израел продолжи со ударите врз Газа.

 

Бојана Крстевски