Минчев: Реформите во јавната администрација се клучни за нашата европска иднина
Минчев информираше за клучните активности на Министерството за јавна администрација, кои се насочени кон реализација на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023 – 2030, Планот за раст и Патоказот за реформи...

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, ја истакна важноста на реформите во јавната администрација на состанокот на специјалната група за реформа на јавната администрација посветен на европските интеграции и административните реформи.
Министерот Минчев упати благодарност до Европската Унија, СИГМА, РеСПА, и останатите партнери за нивната континуирана поддршка и посветеност, нагласувајќи ја клучната улога на јавната администрација како столб на модерното општество и важен фактор за подготовката на Република Македонија за членство во Европската Унија.
Минчев информираше за клучните активности на Министерството за јавна администрација, кои се насочени кон реализација на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023 – 2030, Планот за раст и Патоказот за реформи.
Во тек е изработка на нова законска рамка која ги опфаќа законите за вработените во јавниот сектор, административните службеници, и стручното усовршување, со цел воспоставување институционални механизми за континуирана едукација и професионализација на службениците.
Минчев ја истакна потребата од зајакнување на меѓуинституционалната соработка и партнерствата со граѓанскиот сектор, како и меѓународните организации.
Министерството за јавна администрација останува посветено на исполнувањето на своите реформски цели во партнерство со Европската Унија и меѓународните организации.
