Кривичната против екс-премиерот Ковачевски не е отфрлена, Обвинителството ги проверува наводите
Судот со делумна одлука на барањето на Обвинителството за определување мерки на притвор за случајот со „Државна лотарија“. Засега се одредени само за дел од нив. За другите постапката трае...

Кривичната пријава против екс-премиерот Димитар Ковачевски и уште еден поранешен генерален секретар во Владата не е отфрлена, потврдуваат од Обвинителството. Откако вчера МВР поднесе кривична за осуммина, од Обвинителството велат – има докази само за шестмина против кои се води истрага. Меѓу нив е и поранешниот вицепремиер Артан Груби.
„Напомнуваме двете лица што ги наведувате се пријавени за сосема друг временски период и за други дејствија, а на седницата на 06.06.2023 година кога точка на дневен ред била наведената одлука претседавал единствено сега осомничениот“, велат од Обвинителството.
По барање на Обвинителството и разгледување на доказите, Кривичниот суд определи мерки за претпазливост за четворица осомничени – одземени им се пасошите и треба редовно да се јавуваат во судот.
„До судија на претходна постапка доставен е и предлог за определување мерка притвор против две лица опфатени со истата истрага, која мерка започнува да се спроведува од нивно пронаоѓање, за кој предлог судот е во фаза на постапување“, дополнуваат оттаму.
Груби на Косово заминал со дипломатско возило. Тошковски смета дека потфрлила граничната полиција што го пропуштила. Поранешниот вицепремиер прати абер дека не е во бегство и ќе си дојде дома, но засега нема потврда дека се вратил.
Анита Димитријевска – Велковска
