ДСЗИ ја истражува смртта на седуммесечното бебе на Детска клиника
Државниот санитарен и здравствен инспекторат со вонреден инспекциски надзор за бебето починато на Детската клиника во Скопје. Од Министерството преку соопштение до јавноста појаснуваат дека се очекува да биде извршена обдукција, по што ќе бидат точно утврдени причините за смртта…

Инспекторите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат вршат увид на Детската клиника. Се прави вонреден инспекциски надзор по смртта на седуммесечното бебе.
Дали биле запазени протоколите за прием, третман и лекување, ќе се знае откако ќе биде напишан извештајот.
„По кажувањата на актуелниот директор, бебето било донесено со тешки оштетувања на повеќе органи. По утврдување на фактичката состојба во делот на приемот, во делот на пружање на здравствена заштита, како и евидентирање, претпоставувам дека во текот на утрешниот ден ќе излеземе со поконкретни податоци“, изјави д-р Кирил Лазов, директор на ДСЗИ.
Во меѓувреме, директорот на Детската клиника, Реџеп Мемди му објаснил на таткото за сериозноста на здравствената состојба во којашто било бебето. Останува на ставот дека лекарите реагирале веднаш, но бебето било суспектно за синдром што зафаќа повеќе органи.
Пред речиси два месеца на Детската клиника почина петгодишно дете поради воспаление на мозокот. Претходно, јавноста беше потресена од смртта на 14-месечно бебе од Скопје и новороденче од Струмица. Единствено за случајот со 14-месечното бебе, ДСЗИ утврди пропусти во лекувањето. Детската клиника и директорот беа казнети.
Наташа Јанчиќ-Менковски
