За некого првата лична карта е почеток на животот
Откако МТВ неодамна ја објави сторијата за одолговлекување на процедурата за издавање лични карти на лицата без државјанство кои веќе ги исполниле условите и добиле матични броеви, неколкумина од нив повикале од полициската станица за да им кажат дека личните карти им се готови. Двајца од нив ни раскажаа какви планови имаат откако станаа дел од системот...

За нив заврши неколкудецениската неизвесност живеејќи надвор од системот. Ни кажаа дека ова е нов почеток, шанса да го надополнат пропуштеното.
Ѓулеми и Стојан во своите раце ги држеа личните карти како да се неизмерно богатство, затоа што за нив овие документи се од непроценлива вредност.
На 39 години првпат добива лична карта. Нашата сограѓанка не крие дека е среќна затоа што од како е родена била надвор од системот, ниту можела да се школува, ниту да се лекува, сега барем вели ќе им го подобри животот на своите седум деца и ќе ги спаси од маките на тешкиот живот каков што бил нејзиниот.
18 годишниот Стојан вели веќе му се отворени вратите на институциите.
Активистката за човекови права Шиковска посочи дека има и други предизвици со кои се соочуваат припадниците пред сè од ромската заедница.
На агендата на Амбрела е решавањето на проблемот и со непријавените деца од родителите кои, пак имаат лични документи но ги испуштиле законските рокови.
Фиљана Кока
