Завршува фестивалот на античка драма „Стоби 2014“

26.07.2014 16:25

Со Медеа во изведба на актерите од казахстанскиот музички театарски центар, вчеравечер во Стоби заврши натпреварувачкиот дел од 13-тиот Интернационален фестивал на античка драма Стоби 2014.

Извонредно сценски осмислена публиката за прв пат имаше можност преку една сосема поинаква игра да ја доживее Медеја. Репликите искажани од актерите беа неразбирливи, но тие преку играта  и говорот на телото успејаа да ја раскажат приказната за жена која има право да сака и да биде сакана, за нејзиниот однос со сопругот и нејзината осаменост заради предадената љубов.

„Казахстанскиот театар е различен од другите, и европски и руски, театри големо внимание кај нас посветуваме на играта на лицето и телото и току затоа сметам дека успевме добро да ја пренесеме приказна за љубовта, омразата и одмаздата на Медеа“, рече Ајгил Иманбаева, актер.

Стоби е создаден за оваа престава, вели режисерот Куандик Касимов. Изненаден од тоа како публиката реагирала на секоја сцена, вели актерите со оваа изведба го достигнале врвот.

„Оваа престава има доживеано неколку промени со изведбите на фестивалите во Украина и Србија. Но вечерва во Стоби е одиграна најдобрата, и просторот и ветарот се одеше во прилог да имаме успешна игра“, рече Куандик Касимов.

Сега на ред е жири комисијата. Борисова, Дац и Серафимов имаат уште неколку часа пред да соопштат кој се лауреатите на годинешното фестивалско издание. Во конкуренција се четири престави. Во чест на наградените актерите од велешкиот театар ќе ја одиграат преставата Кралот Лир.

Дијана Иванова