На Табановце се делат информативни флаери за странците
Возачите добиваат информација дека на наплатните станици во Македонија, патарината се наплаќа во денари, евра, или со платежни картички.

Флаери со карта и преглед на патарините со износот на цените, на граничните премини им се делат на патниците кои влегуваат во државата. Возачите добиваат информација дека на наплатните станици во Македонија, патарината се наплаќа во денари, евра, или со платежни картички. За поедноставен и поповолен начин на плаќање на патарините, се предлага на граничниот премин да се изврши замена на девизните валути во денари.
„Се враќам во Македонија, еве сега дознав овде на границата дека измени во начинот на плаќање“, вели еден патник.
„Да знаеме дека цените на патарините се наплаќаат во евра , но ние сменивме денари и така ќе платиме,затоа што ни е поисплатвливо“, вели еден граѓанин од соседна Србија.
„Добри се патиштата, цената на патарините е добра, на српскиот автопат на некои делници е двојно повисока“ додава друг патинк.
Состојбата на патиштата, граничните премини и на патарините може да се следи и преку мобилна апликација и се очекува таа да биде корисна особено во екот на летната сезона кога се создаваат метежи на патарините и на премините.
„Досега имаме поделено преку 3000 флаери, има висока фреквенцијата на возила овде на граничниот премин, а во текот на денот очекуваме поголема гужва и на самите патарини. Досега е добро прифатен флаерот и со него препорачуваме на странските граѓаните нивните валути да си ги сменат во денари, затоа што во евра цените се нешто повисоки“, изјави директорот на јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски.
Инаку, на Граничниот премин Табановце во овој период има зголемена фреквенција на патници претежно од македонски државјани кои работат во странство и доѓаат за летните одмори и дел турски и европски државајани кои поминуваат низ државата. За влез во Македонија се чека во просек околку 20-тина минути.
Во изминатите 24 часа регистрирани се над 30.000 патници кои влегле во државата.
Јавното претпријатие за државни патишта бележи зголемување на приходите од патарините за 35 насто и од патните такси при регистрирањето возила за 40 насто. Овие трендови се регистрирани во првите 20 дена по зголемувањето на цените на патарините и регистрацијата на возила.
„Ако средствата се зголемени за 35 проценти, а враќањето на цените од пред 2008 години беше некаде од 27 до 32 проценти, имаме зголемување на сообраќајот колку разликата, од 5,9 проценти. Кај регистрацијата имаме зголемување од над 40 проценти, што значи дека доста од граѓаните во овој период ги регистрираат возилата“, рече директорот на Јавното претрпијатие за државни патишта Љупчо Георгиевски.
Георгиевски го коментираше и прашањето за неурамнотежените цени кога патарината се плаќа во денари или во евра. И покрај големата разлика, на пример, кога за патарина која чини 40 денари во евра се бара 1 евро, Георгиевски рече дека тоа е последица на големата провизија што банките ја наплаќале при конверзија на монетите евра во денари.
Габриела Димковиќ
