Русија

Руските власти уапсиле осомничен за убиството на генералот Кирилов

18.12.2024 09:57

29-годишен Узбекистанец е атентаторот на рускиот генерал Игор Кирилов, соопшти Москва. Кремљ најави одмазда. САД негираат вмешаност во убиството на рускиот генерал Кирилов.

29-годишен Узбекистанец е атентаторот на рускиот генерал Игор Кирилов, соопшти Москва. Тој бил уапсен заедно со неговиот помошник – информира Службата за безбедност на Русија, од каде што наведуваат дека пристигнал во земјата по инструкции од Украина и најмил автомобил за да ја надгледува резиденцијата на генералот. Кремљ најави одмазда.

„За време на сослушувањето, осомничениот објасни дека бил регрутиран од украинските специјални служби. По нивна инструкција пристигнал во Москва и добил рачно изработена експлозивна направа што ја поставил на електричен тротинет паркиран пред влезот од станбената зграда во која живеел Игор Кирилов. Експлозијата преку интернет беше пренесена од организаторот на терористичкиот чин до градот Днипро. За извршување на ова кривично дело, на сторителот му е гарантирана парична награда од 100.000 долари и патување во некоја од европските земји за престој. Се идентификуваат и други лица инволвирани во организирање на ова кривично дело“, изјави Светлана Петренко, портпарол на Истражниот комитет на Русија.

Украина смета дека Кирилов, кој беше шеф на руското хемиско оружје, бил легитимна цел и дека извршил воени злосторства. САД негираат вмешаност за убиството на рускиот генерал.

„САД не беа однапред известени ниту пак, вмешани во експлозијата. Очигледно е дека тој беше генерал вклучен во голем број злосторства, вклучително и во употребата на хемиско оружје против украинската војска“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.

ОН ги повикаа Русија и Украина да избегнуваат чекори кои би довеле до ескалација на конфликтот.

„Свесни сме за извештаите во врска со инцидентот во Москва, каде што загинаа двајца руски воени функционери. Ги повикуваме сите страни да покажат воздржаност и да се воздржат од дејствија што би можеле дополнително да ескалираат тензии“, изјави Стефан Дујарик, портпарол на ОН.

Генералот Кирилов и неговиот помошник беа ликвидирани во експлозија на тротинет додека излегувале од станбената зграда на Рјазанскиот булевар. Русија најави дека прашањето за терористичкиот напад ќе го покренат пред Советот за безбедност, од друга страна Зеленски како главна тема во Брисел го најави зајакнувањето на Украина.

Бојана Крстевски