Русија

САД негираат вмешаност во убиството на рускиот генерал

18.12.2024 16:38

29-годишен Узбекистанец е атентаторот на рускиот генерал Игор Кирилов- соопшти Москва. Бил уапсен заедно со неговиот помошник, а во земјата пристигнал по инструкции на Украина- појаснија од истражниот комитет на Русија.

29-годишен Узбекистанец е атентаторот на рускиот генерал Игор Кирилов-соопшти Москва. Бил уапсен заедно со неговиот помошник, а во земјата пристигнал по инструкции на Украина-појаснија од истражниот комитет на Русија, истакнувајќи дека за убиството му била гарантирана парична награда од 100 илјади долари. Кремљ најави одмазднички одговор за режимот во Киев.

„Осомничениот објасни дека бил регрутиран од украинските специјални служби. По нивна инструкција пристигнал во Москва и добил рачно изработена експлозивна направа што ја поставил на електричен тротинет. Експлозијата преку интернет беше пренесена од организаторот до градот Днипро. Се идентификуваат и други инволвирани лица“, изјави Светлана Петренко, портпарол на Истражниот комитет на Русија.

„Уште еднаш се потврди дека режимот во Киев не ги презира терористичките методи на работа. Јасно разбираме кој е нашиот непријател, за што е способен. Ова уште еднаш ја докажува исправноста на нашите постапки за време на специјалната воена операција“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Сите вклучени во убиството на Кирилов ќе бидат пронајдени и казнети, нема да не исплашите-предупреди портпаролката на руското МНР, потенцирајќи дека Русија ќе ја брани вистината. Таа тврди дека Москва има докази дека Украина користела муниција од бел фосфор во септември

„Кирилов ги разоткри американските лаборатории во Украина, фактите за употребата на хемиско оружје од страна на режимот во Киев на фронтот. Сите организатори и извршители на неговото убиство ќе бидат пронајдени и казнети, нема да не исплашите, ние ја браниме вистината! Запаливата муниција исполнета со бел фосфор што ја користат Украинците е неселективно оружје и е забранета со Протоколот 3 од Женевската конвенција. Овие злосторства и инволвираните во нив неизбежно ќе бидат казнети“, изјави Марија Захарова, портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија.

Украина смета дека шефот на руското хемиско оружје, бил легитимна цел и дека извршил воени злосторства. САД негираат вмешаност за убиството на рускиот генерал.

„САД не беа однапред известени ниту пак, вмешани во експлозијата. Очигледно е дека тој беше генерал вклучен во голем број злосторства, вклучително и во употребата на хемиско оружје против украинската војска“, истакна портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер.

ОН ги повикаа Русија и Украина да избегнуваат чекори кои би довеле до ескалација на конфликтот.

„Свесни сме за извештаите во врска со инцидентот во Москва, каде што загинаа двајца руски воени функционери. Ги повикуваме сите страни да покажат воздржаност и да се воздржат од дејствија што би можеле дополнително да ескалираат тензии“, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дујарик.

Генералот Кирилов и неговиот помошник беа ликвидирани во експлозија на тротинет додека излегувале од станбената зграда на Рјазанскиот булевар. Русија најави дека прашањето за терористичкиот напад ќе го покренат пред Советот за безбедност на ОН в петок, додека Зеленски како главна тема во Брисел го најави зајакнувањето на Украина.

 

Бојана Крстевски