Мобилни полициски станици во Ѓорче Петров

26.07.2014 18:07

. Полицијата и локалните власти во поинтензивни контакти со населението ќе превенираат за поголема безбедност на граѓаните...

Во „соседски патроли“, две мобилни полициски станици и една пешачка се упатија до нај оддалечените населени места во општина Ѓорче Петров. Полицијата и локалните власти во поинтензивни контакти со населението ќе превенираат за поголема безбедност на граѓаните. Тие, пак, позитивно ја примија веста дека се зголемува контролата од полицијата.

„Како родители гледаме прво децата кога ќе ги пратиме на училиште, или било каде, да бидат безбедни.“

„Во секој случај позитивно.“

„За сите подобро ќе биде, би требало да се намалат кражбите“, велат анкетираните граѓани.

Од што најмногу се чувствуваат загрозени најдобро би кажале самите жители, па полицијата сега токму од нив сака да добива информации.

„Не се во состојба тогаш кога треба да отидат да пријават настан или да добијат информација, тоа да го направат во полицикса станица, па затоа наместо тие да доаѓаат кај нас, условно речено ние настојуваме да дојдеме во нивните средини“, изјави министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска.

Неодамнешниот трагичен настан со убиството на матурантот од оваа населба, не е директна причина за воведувањето на мобилната полициска станица, тврди градоначалникот на општината.

„Информациите кои ќе ги дадат самите граѓани, тоа се прашањата кои треба да ги решава министерството за внатрешни работи, полицискта станица и јас како градоначалник на општината Ѓорче Петров“, рече Сокол Митревски, градоначалник на општина Ѓорче Петров.

МВР се одлучи за „соседските патроли“ бидејќи подолго време на тоа инсистирале граѓаните. Според ресорната министерка најчесто реагирале дека не можат да пријавуваа случаи поради оддалеченоста или немањето полициска станица во нивното место на живеење.

По примерот на општина Ѓорче Петров вакви мобилни полициски станици ќе бидат воведени и низ другите општини во Република Македонија.

Фиљана Кока