Судството бележи назадување во бројот на решени случаи
Коалицијата „Сите за правично судење“ денеска организира завршна конференција на која беа презентирани податоци од спроведени истражувања од областа на правосудството...

Мониторингот на судските постапки, работата на Судскиот совет и Советот на обвинители покажаа дека судството бележи назадување во бројот на решени случаи. Судењата за корупција се одолговлекувале уште во Кривичниот суд, а Апелација исто така долго време одлучувала и ги враќала постапките пред Првостепениот суд, што создава простор за застареност и неказнивост.
„Лани го имавме најголемиот број пресуди, меѓутоа тоа се должеше во суштина на застарувањето на кривичните дела. И тука треба да се има предвид дека не сите постапки што се водат пред одделението за организиран криминал и корупција се со ваква слаба динамика, туку дека тоа вообичаено се среќава кај овие медиумски експонирани предмети“, изјави Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење“.
За владеење на правото и независно судство потребна е зацврстена соработка и солидарност меѓу судовите, посочи претседателката на Врховниот суд, Адеми.
„Извештаите на Врховниот суд на РСМ за извршените посети на пониските судови ја имаат истата цел, а тоа е да се нагласи важноста на начелото на финансиска независност како предуслов за независноста на судството“, изјави Беса Адеми, претседателка на Врховниот суд.
Во последните 5 години има голем одлив на кадар во судовите и Обвинителството.
Ирина Гелевска
