Случај „Лотарија“

Груби и Бајрами на листата на бегалци, распишана меѓународна потерница

18.12.2024 14:22

Сликите на Груби и Бајрами осамнаа во секцијата „Потраги“ на МВР. По поранешниот вицепремиер и ексдиректорот на „Лотарија“ распишани меѓународни потерници. Некогашниот шеф на Владата тврди – работев законски...

Артан Груби и Перпарим Бајрами и официјално станаа бегалци, барани со меѓународна потерница. Фотографиите, заедно со податоците на двајцата осомничени во случајот „Лотарија“, за проневера на околу осум милиони евра се на официјалната страница на МВР.

Јавното обвинителство достави барање до МВР за распишување потерници, откако Основниот кривичен суд за Груби и Бајрами одреди мерка притвор од 30 дена.

Од ВМРО-ДПМНЕ со апел до ДУИ и СДСМ, да го осудат бегството на поранешниот вицепремиер кој се наоѓа на американската црна листа и да го повикаат да се врати.

„Срамно е како Груби се обидува да се пазари со судот дали да оди во притвор или не. И покрај тоа што е свесен за криминалите кои ги направил, и покрај тоа што е препознаен меѓународно како корумпиран и криминалец, тој сепак сака да се пазари со правдата“, рече Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ одговорноста за бегството на Груби ја префрла на МВР. Од партијата велат дека полицијата целосно потфрлила во акцијата за спречување на Груби да ја напушти државава. Изразуваат сомневање дека неговото бегство било договорено.

Министерот Тошковски, претходно информираше дека за „Лотарија“ се поднесени кривични пријави против осуммина, меѓу кои и за поранешен премиер. Ковачевски тврди дека работел според законот.

Обвинителството појасни дека за Ковачевски и Димовски, пријавите се за други дејствија во друг временски период и оти проверките продолжуваат.

 

Марина Стојанова – Тонева