Собрание

Измените на Законот за јавни набавки наместо во скратена, одат во редовна постапка

18.12.2024 15:29

Измените на Законот за јавни набавки пред пратениците. По реакциите од јавноста, наместо во скратена, одат во редовна постапка. Власта образложува дека се носат поради реформската агенда, за опозицијата е спорно укинувањето на управната контрола на Бирото за јавни набавки...

Власта и опозицијата со спротивставени ставови за Законот за јавни набавки. Пратениците од СДСМ сметаат дека е потребна широка јавна дебата за измените кои треба да ја исправат долгогодишната неправилност во системот. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека за законското решение се консултирале и со ДКСК, од каде што ги чекаат забелешките. Ја повикаа експертската јавност да ги поднесе своите предлози за овој закон, кој според владејачката партија се прави со единствена цел, а тоа е усогласување со европскиот План за раст.

Законот е поднесен по вторпат, овој пат по редовна постапка, откако невладините организации излегоа со забелешки за укинувањето на управната контрола на Бирото за јавни набавки и начинот на именување членови во Државната комисија за жалби по јавни набавки, за кои сметаат дека наместо да ја сузбијат ќе ја зголемат корупцијата во јавните набавки.

 

Викторија Милевска