РКЕ

РКЕ: Струјата од јануари поскапува за 0,92 проценти

18.12.2024 16:01

Струјата од јануари само минимално поскапува, за помалку од еден процент. Регулаторната комисија за енергетика направи пресметка – за просечна сметка од 2.300 денари, зголемен трошок од 20-на денари...

Од 1-ви јануари цената на електричната енергија ќе поскапе за 0,92 проценти. Едно просечно семејство коешто месечно плаќало 2.300 денари за електрична енергија, од 1-ви јануари ќе плаќа 2.321 денар односно сметката ќе биде зголемена за 21 денар.

„ЕВН Хоум“ на 5 декември до РКЕ доставила барање, цената на електричната енергија да се зголеми за 4,4 проценти. Но, регулаторот го отфрлил барањето, откако ја утврдил фактичката состојба.

Ова е прва одлука донесена со контролен механизам. Цената на електрична енергија за домаќинства во првиот блок за киловатчас ќе биде 6,58 денари, во вториот блок 7,71 денар, во третиот 8,57 денари, во четвртиот 20,4 денари.

Цена на електрична енергија за киловатчас:

Прв блок 6,58 денари

Втор блок 7,71 денар

Трет блок 9,57 денари

Четврт блок 20,4 денари

Евтина тарифа 4,12 денари

Извор: Регулаторна комисија за енергетика

Цената за електричната енергија кај домаќинствата се состои од два дела, едниот дел е енергија, другиот мрежарина. Мрежарината за сите блокови е иста, изнесува 2,14 денари.

 

Наташа Јанчиќ- Менковски