Аерозагадување

Енергетската транзиција-чекор кон почиста животна средина

18.12.2024 16:30

Енергетската транзиција е чекор кон почиста животна средина, зашто македонските граѓани сè уште дишат загаден воздух. Светска банка предупреди – аерозагадувањето годишно зема по 2.800 животи, економските трошоци се огромни…

Граѓаните се изложени на големо аерозагадување, особено во зимскиот период. Луѓето во урбаните средини како Скопје вдишуваат штетни честички осум пати повеќе од дозволените граници, а во Тетово пак – пет пати повеќе.

„Пречи на здравјето. Од што е загадено не знам, дали од дрва или од нешто друго.“

„Страшно е ова, ама мора и да излезеш не можеш дома да се заклучиш. Еве како зборувам, ми пречи, кашлам.“

„Скопје беше градот на зеленилото и на липите. Сега е град на згради, ова не се ни згради, на ништо не личи“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Загадувањето доаѓа од согорувањето цврсти горива во домовите, но тука се индустријата, градежништвото, транспортот, јавните објекти кои користат мазут. Поразителни се податоците од неодамнешна студија која покажува дека годишно 2.800 луѓе умираат од причини поврзани со загадување на амбиенталниот воздух.

„Економските трошоци од штетите по здравјето се цени дека изнесуваат 1,7 милијарди долари годишно, што е 1,9 проценти од БДП за 2019 година“, изјави Масимилијано Паолучи – Светска банка.

Светска банка презентираше анализа во која се посочени причините поради кои се загадува воздухот во земјава и решенија како да се надмине проблемот. Надлежните велат, ќе им бидат од помош во спроведување на планот за чист воздух

„Усвоивме и работиме на конкретна програма, освен гасификацијата предвидено е конгеративни гасни системи, планираме да субвенционираме враќање на граѓаните на централното парно греење“, рече Изет Меџити – министер за животна средина и просторно планирање.

„Досега се случуваше загадувачите да го вперат прстот едни кон други, па домаќинствата да кажуваат дека загадува индустријата, индустријата да го обвинува транспортот, транспортот пак да обвинува некој трет. Со оваа програма опфатени се сите загадувачи во урбаните средини и направена е програма од 20-тина проекти кои се занимаваат со можни решенија“, изјави Даме Димитровски – советник на премиерот за животна средина.

Во Македонија нема доволно инспектори кои ќе ги казнуваат загадувачите.

Македонската влада неделава го донесе планот за чист воздух. Но, дали ќе ги даде посакуваните резултати, ќе покаже времето. Акцент е ставен на проекти за енергетска ефикасност, зголемување на зеленилото и намалување на загадувањето од транспортот.

Андријана Ѓурческа