Илинден

„Од сон до сонце“- мото на годинешното одбележување на 2 Август

26.07.2014 18:30

Од сон до сонце. Претставена програмата за одбележувањето на најголемиот македонски државен празник 2 Август. 70 години од АСНОМ и 111-годишнина од Илинденското востание. Она што го изградиле нашите предци е најцврстиот темел врз основа на кој што ја градиме нашата иднина, изјави портпаролот на владата Александар Ѓеорѓиев.

„Од сон до сонце“ е мотото под кое оваа година ќе биде одбележан најголемиот македонски празник 2 Август на кој се слави јубилеј 70 години АСНОМ и 111 години од Илинденското востание.

Она што го изградиле нашите предци е најцврстиот темел врз основа на кој што ја градиме нашата иднина, сонот за којшто тие се бореа е слободата којашто ја живееме сите ние денеска. Да продолжиме да се движиме напред кон сигурна иднина затоа што секоја наша победа денеска е нов Илинден за следните поколенија - порака која ја испраќа Македонија, правејќи симболично поврзување на минатото, сегашноста и иднината, промоција на вредностите и придобивките.

„Самата програма предвидува поголем број на активности коишто се од спортски, културен , образовен и државнички карактер, врз основа на којшто сакаме во период од 7 дена започнувајќи од понеделник 28-ми јули да дадеме еден акцент на одбележувањето на овој значаен празник“, рече Александар Ѓеорѓиев, портпарол на владата.

Ќе се организира планинарскиот илинденски марш, предвидена е и велосипедска тура, искачување на највисокиот врв во Македонија - Кораб, и на Славеј планина.  Во рамките на програмата од културен карактер, во музеите низ Македонија ќе бидат организирани историски поставки, а централната поставка е во организација на Државниот архив и ќе биде поставена во објектот на Македонската академија на науките и уметностите. На националниот сервис Македонската радио телевизија, ќе се емитува богата филмска и документарна програма со тематика од Илинденскиот период или пак Народноослободителната борба и АСНОМ, која ќе започне со реализација од 28 јули до 3 август. 

Премиерот Никола груевски ќе се обрати на Пелинце каде што ќе се одбележи и  70 годишнината наАСНОМ. Претседателот на македонското собрание Трајко Велјановски ќе говори на централната манифестација во Крушево, а претседателот на Републиката Ѓорге Иванов ќе се обрати на централната прослава во Скопје.

Како и секоја година, ќе организира бесплатен автобуски превоз од целата територија на државата за оние граѓани кои имаат желба да присуствуваат на централните прослави во Пелинце и Крушево, а распоредот на автобусите, времето и локациите за нивно тргнување и враќање ќе бидат објавени во текот на следните денови.

Ана Јосифоска Тодоровска