Зеленски на самит со лидерите на ЕУ
Безбедносните гаранции и зајакнувањето на Украина-главни теми кои ги најави претседателот Зеленски во пресрет на самитот со европските лидери во Брисел...

Безбедносните гаранции и зајакнувањето на Украина-главни теми кои ги најави претседателот Зеленски во пресрет на самитот со европските лидери во Брисел. На состанокот му претходеа средби со францускиот претседател Макрон и шефот на НАТО, Руте кој истакна дека во овој момент најважно е Киев да се снабди со оружје, а потоа да се зборува за примирје.
„Највисоко на агендата е да се осигураме дека Украина е во најдобра можна позиција за кога ќе решат еден ден да ги започнат мировните преговори. А тоа значи дека мора да испорачаме повеќе системи за противвоздушна одбрана и друго оружје во Киев“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
„Многу е важно да ги искористиме овие два дена во Брисел за да се сретнеме со сите наши партнери и да имаме заедничка, неподелена европска позиција за тоа како да ја обезбедиме Украина и нашите граѓани. Се разбира, ќе разговараме и како да ја зајакнеме нашата армија“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Зеленски го одби планот на Трамп за мир во Украина истакнувајќи дека не прифаќа замрзнување на конфликтот со Русија за да се забрзаат мировните преговори, откако претходно ја одби и понудата на унгарскиот претседател Орбан, кој истакна дека предлогот за Божикен прекин на огнот и натаму е на маса. На фронтот, борбите продолжуваат.
