Зеленски бара од Макрон војници на ЕУ во Украина доколку дојде до примирје
На маргините на Самитот на Европскиот совет, Зеленски побарал од шефот на француската држава, Макрон, распоредување на војници на Европската унија во Украина доколку дојде до примирје или мировен договор. Решавањето на војната го најави претседателот Трамп кој е против испраќањето американски трупи во завојуваната земја. Русија го ракетираше Криви Рих, родното место на украинскиот претседател, нафтената рафинерија во руски Ростов на Дон гори по воздушниот удар на Киев…

Се осветли небото над рафинеријата во ростовската област кога три дузини украински дронови паднаа врз руската енергетска постројка. Москва возврати со проектили врз Криви Рих, родното место на Зеленски, не правејќи разлика меѓу цивилна и воена цел.
„Ние овојпат имавме среќа само вратите се оштетени. Но, останатите луѓе немаа среќа. Звукот беше силен, особено втората експлозија беше многу бучна, оддалеку ја чувме“, изјави Ана, жителка на Криви Рих.
Војната трае речиси три години, се насетува можна завршница ако се оствари мировниот договор најавен од Трамп. Зеленски, Брисел и Лондон, веќе прават чекор повеќе, на можната тампон-зона во Украина да се испратат европски војници, за што украинскиот претседател разговарал со францускиот колега Макрон. Главнината на мировниците би била составена од Франција, Германија, Велика Британија, Италија, Полска, пренесува „Ројтерс“.
„Повторно повикувам на единство меѓу САД и Европа. Нема да им биде лесно да и помогнат на Украина без американска помош. Со ова ќе разговарам со Трамп кога ќе биде во Белата куќа“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
„Оваа војна не е само за Украина, не и за Европа, но е за меѓународното право. Инвазијата мора да биде поразена“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.
Во приватната резиденција на генералниот секретар на НАТО, Зеленски се сретна со Руте и со челниците на водечките европски земји. НАТО ја презеде од Вашингтон координацијата со воената помош на Украина за да го спречи можното намалување за време на администрацијата на Трамп.
„На највисоко ниво на нашата агенда е претседателот Зеленски, Украина, да остварат најдобра можна позиција еден ден, кога тие ќе решат да почнат мировни преговори. За тоа ќе добијат противвоздушни системи“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Војната трае и на руска територија, во областа Курск. Путин порача дека украинските сили составени од странски платеници ќе бидат исфрлени од земјата. Кога, не прецизираше?
„Сега таму се водат битки, но нема да одредам точен датум кога украинските сили ќе бидат исфрлени или поразени во Курск. Ден помалку или повеќе, тоа сепак ќе се случи“, изјави Владимир Путин, претседател на Руската Федерација.
Во Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк, дебата за Украина. Побарано е од Северна Кореја да ги повлече трупите од курската област, Москва и Пјонгјанг ги потврдија блиските, соседски релации.
Зоран Богатинов
