Блиски Исток

Силите на Тел Авив извршија масовни воздушни напади врз Јемен

19.12.2024 12:48

Тел Авив изврши масовни напади во Јемен. Жестоко одговори на ракетните удари на хутите уништувајќи пристаништа и енергетска инфраструктура во Сана. Иран со осуда - израелските напади се флагрантно кршење на меѓународното право. Ескалацијата би можела да донесе опасен развој во регионот-предупредува Хамас...

Блискиот Исток не умее да мирува. Додека посредниците се обидуваат да воспостават мир во кревкиот регион, силите на Тел Авив извршија масовни воздушни напади врз Јемен. Погодени пристаништа и енергетска инфраструктура во Сана, има жртви. Ударот е одговор на ракетниот напад на Хутите, чиј пресретнат проектил оштети училиштна зграда во централен Израел. Милитантите ја презедоа одговорноста.

„Изведовме специфична воена операција со две хиперсонични балистички ракети насочени кон две чувствителни воени цели на израелскиот непријател“, изјави Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.

„Фала му на Бога што ова не се случи неколку часа пред или потоа, тогаш ќе имавме сосема поинаква слика. Без сомнение проектилот имаше голема боева глава“, Кармел Шама-Хакоен, градоначалник на Рамат Ган.

Ќе удриме со сета сила-се заканија од израелската одбрана, велат-нема да дозволиме закани против нас.

„Им предлагам на лидерите на Хутите да разберат и запомнат-на тој што ќе крене рака против Израел, раката ќе му биде отсечена“, изјави Израел Кац, министер за одбрана на Израел.

Осуда пристигна од Техеран. Велат дека израелските напади во Јемен се флагрантно кршење на меѓународното право. Ескалацијата би можела да донесе опасен развој во регионот-предупредува Хамас.

„Оваа ескалација ја сметаме за опасен развој и продолжување на агресијата против нашиот палестински народ, Сирија и арапскиот регион“-се вели во соопштението на милитантната група. Најновите случувања доаѓаат во момент на кревкото примирје во Либан и интензивираните преговори за прекин на огнот во Газа додека израелските сили го продолжуваат притисокот во енклавата.

„Секојдневно вршиме притисок врз Хамас, доведувајќи го во поголема неволја, за да обезбедиме враќање на 100-те заложници, се надеваме дека се живи, за оние кои не се, да им обезбедиме достоен погреб“, изјави Херзи Халеви, израелски началник на Генералштабот.

Договорот на маса вклучува шестнеделна пауза во борбите во кои Хамас ќе ослободи 30 заложници, во замена за стотици палестински затвореници ослободени од Израел.

 
Бојана Крстевски