Обновливи извори на енергија

ЕСМ почнува нов инвестициски циклус во обновливи извори на енергија

19.12.2024 18:03

Станува збор за изградба на фотоволтаичната електроцентрала Битола 2 и реализацијата на втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“. Средствата за овие два значајни проекти, во износ од 55 милиони евра, се обезбедени преку заем со државна гаранција потпишана од Министерството за финансии, по исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години и вклучен грејс-период од 5 години.

АД ЕСМ со поволен кредит од германска развојна КфВ банка почнува нов циклус инвестициски проекти во обновливи извори на енергија. Станува збор за изградба на фотоволтаичната електроцентрала Битола 2 и реализацијата на втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“. Средствата за овие два значајни проекти, во износ од 55 милиони евра, се обезбедени преку заем со државна гаранција потпишана од Министерството за финансии, по исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години и вклучен грејс-период од 5 години.

Договорот за заем денеска го потпишаа Мориц Реме, директор на канцелариите на КфВ банка во Скопје и во Приштина и Лазо Узунчев, генерален директор и претседател на Управниот одбор на АД ЕСМ. Додека Договорот за гаранција го потпишаа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и директорот Мориц Реме.

На потпишувањето присуствуваше и заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ, кој истакна дека проектот за проширување на ветерниот парк „Богданци“ е дел од Националната стратегија за зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори.

ФЕЦ Битола 2 ќе се гради на рекултивирано земјиште во рамките на РЕК „Битола“ и ќе има инсталиран капацитет од најмалку 50 MW. Се очекува оваа електроцентрала да произведува околу 80 – 90 GWh електрична енергија годишно, што е доволно за потребите на над 20 илјади домаќинства. Инвестицијата од 47,3 милиони евра ќе ја намали емисијата на јаглерод диоксид за 63.000 тони годишно, придонесувајќи за побрза декарбонизација на енергетскиот сектор. Согласно проектот за проширување на ветерниот парк „Богданци“ на постојната локација на паркот, кој во моментов е со 16 турбини, со моќност од 36,8 MW, ќе се инсталираат уште четири ветерници со вкупен инсталиран капацитет од 13,6 MW, со што целосно ќе биде заокружен овој ветерен парк со вкупен инсталиран капацитет од околу 50 MW.

Директорот на канцелариите на КфВ во Скопје и во Приштина Реме потенцира дека Германија и КфВ го поддржуваат зазеленувањето на енергетските производствени капацитети во државата последните 20 години.

Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер, потенцира дека новиот германски заем е добра вест за секој кој се грижи за одржливоста на енергетскиот сектор во Република Северна Македонија.

ФЕЦ Битола 2 и проширувањето на ветерниот парк „Богданци“ се дел од долгорочните планови на државата кон зелената енергетска транзиција.