Македонија

Екстрадиција на Груби и Бајрами штом бидат лоцирани

19.12.2024 16:48

Екстрадиција на Груби и Бајрами ќе има веднаш штом бидат лоцирани. По меѓународната потерница, Министерството за правда чека МВР да добие информација каде се наоѓаат поранешниот вицепрмиер и екс-директорот на Лотарија...

Министерството за правда сѐ уште нема испратено барање за екстрадиција на Артан Груби и Перпарим Бајрами, со оглед на тоа дека немаат допис од Министерството за внатрешни работи дека двајцата се лоцирани или уапсени во одредена држава. Дури откако ќе добијат допис од МВР, Министерството за правда може да бара екстрадиција за двајцата.

Во МВР велат дека се во постојан контакт и соработка со косовската полиција. За „стоп листата“ појаснуваат:

„Во однос на значењето на т.н. „стоп листа“, истата сигнализира дека одреденото лице не смее ја премине државната граница. МВР, согласно закон, има право да става лица на т.н. „стоп листа“ и без наредба од ОЈО. Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство имаат законски овластувања во текот на претходната постапка да ги обезбедат лицата и доказите, без притоа да ги нарушат правата на лицата за кои постои сомнение дека сториле кривично дело“.

Под законски акти и правилници на МВР се сива зона за делување на полицијата, кога и како да задржи одредено лице. Според професорот од Правниот факултет, Гордан Калајџиев, да се задржи Артан Груби на граница без судска наредба е во спротивност со Уставот и Законот за кривична постапка.

СДСМ пак велат, полицаецот кој го пропуштил Груби на Блаце е избор на министерот Тошковски, бидејќи на преминот работел откако Тошковски е министер за внатрешни работи.

ДУИ велат дека во мај предложиле и закон со ограничувања за лицата ставени на црната листа на САД, но законот не бил прифатен.

„Овој закон имаше за цел да ги спречи овие лица да учествуваат на избори и во процесите на јавни набавки – важен чекор за заштита на демократските процеси и јавната доверба.сепак, последните настани донесоа бран политички напади кон Демократската унија за интеграција, при што одредени политички актери се обидуваат да ја искористат ситуацијата за свои цели“велат од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ го повикува Артан Груби да не бега и да се врати во Македонија за да докажел, како што велат, колку е чист како солза.

Миле А. Ристески