Аерозагадување

Аерозагадувањето ги наполни ординациите на матичните лекари

19.12.2024 16:11

Загадениот воздух руши рекорди. Голем дел од градовите во Македонија имаат зголемен број ПМ-10 честички. Ординациите на матичните лекари полни, бројот на прегледи е зголемен за околу 40 проценти...

Високото ниво на ПМ-честички во воздухот ги наполни ординациите на матичните лекари, бројот на прегледи е зголемен за околу 40 проценти. Речиси секој пациент е со иритирачка кашлица.

„Како не пречи, ми пречи на градите, кашлам. Не се дише“.

„Кај грлото ме гуши. Наутро не излегувам, подоцна излегувам, малку да се расчисти“.

„Тука пак е добро, одете во ново лисиче, таму уште има магла. Ми пречи на дишењето“, велат анкетирани граѓани.

Аерозагадувањето во комбинација со вирусите и бактериите дополнително ја усложнува работата на лекарите. Бројот на болни во континуитет се зголемува. Во овој период луѓето со астма и хронични заболувања се меѓу најчестите пациенти.

„Генерално гледаме промени во горнореспираторни тегоби, течење нос, акутни синузити, хроничните синузити се реактивираат за време на зимскиот период. Сега гледаме и долнореспираторни тегоби придружени со пневмонии и хронични бронхити. Оваа состојба и овој тип воздух што го дишеме најмногу влијае во развивањето симптоми кај хроничарите“, изјави д-р Бојан Трајковски – матичен лекар.

Лекарите советуваат кога воздухот е загаден да се користат заштитни маски.

Според светското рангирање – Скопје и оваа зима е меѓу најзагадените градови. Поразителни се податоците од спроведени истражувања кои покажуваат дека околу 2.800 граѓани во земјава секоја година умираат поради причини поврзани со загадениот воздух.

 

Андријана Ѓурческа