Здравство

Пропусти во лекувањето на бебето, ДСЗИ утврди потреба и Министерството да го провери случајот

19.12.2024 16:28

Пропусти во лекувањето на седуммесечното бебе. Потпишани доктори на извештаите кои не биле присутни на работа. ДСЗИ утврди потреба и Министерството да го провери случајот...

На Детската клиника се повторуваат пропусти за кои пред речиси два месеца се задолжени од Државниот санитарен и здравствен инспекторат да ги отстранат, стои во извештајот по направениот вонреден инспекциски надзор за смртта на седуммесечното бебе. Бебето се разболело на почеток на месецов, седум дена било со температура и исип, кога првпат било однесено на Детската клиника. По прегледот и испитувањата било пуштено дома, со терапија и совет да се јават кај матичен или на клиника ако има потреба. Два дена подоцна бебето во тешка состојба е хоспитализирано на Клиниката, лекувано од еден на друг оддел, по четири дена починало. Инспекторите ја задолжуваат Клиниката доколку итен пациент не е примен на болничко лекување, установата е должна да издаде писмено образложение за одбивање на приемот.

„При надзорот, исто така, е констатирано дека на клиниката сè уште не е решен проблемот со задолжително присуство на специјалист во дежурната амбуланта, а за кое во ДСЗИ се води прекршочна постапка. Медицинска документација и понатаму се креира и од доктори кои не се присутни на работа или во дежурна амбуланта, за што од наша страна е веќе издадено решение, чии рокови течат“, се вели во соопштението од ДСЗИ.

ДСЗИ утврди потреба и Министерството да го провери случајот.

Имало ли пропусти во приемот, третманот и лекувањето ќе провери и комисија од министерството за здравство.

 

Наташа Јанчиќ Менковски