Мицковски: Македонија нуди одлични услови за бизнис

26.07.2014 19:31

Македонија нуди одлични услови за бизнис и веќе се покажува како одлична дестинација за автомобилската индустрија, вели во интервјуто за МИА, министерот за странски инвестиции Горан Мицковски.

Мицковски во интервју за МИА посочува дека би сакал во Македонија да види повеќе компании од услужниот и финансискиот сектор, затоа што е битно за македонската економија да постои тој баланс меѓу производство и услуги. Очекува фокусот за привлекување инвестиции да биде насочен кон британскиот пазар и Југоисточна Азија.

„Македонија нуди одлични услови за бизнис во многу сектори. Од мојот краток период овде, впечаток е дека компаниите од производствениот сектор повеќе се присутни и тој тренд очекувам да продолжи. Би сакал да видам повеќе компании од услужниот и финансискиот сектор во Македонија затоа што мислам дека е битно за македонската економија да постои тој баланс меѓу производство и услуги“, вели Мицковски.

Посочува дека Македонија со одличниот даночен пакет, квалификуваната работна сила и ниските трошоци за бизнис создава одлични можности за инвестирање. - Дел од мојот фокус во овој мандат ќе биде насочен кон оваа цел, да се обидеме да донесеме повеќе инвестиции од услужниот и финансискиот сектор, истакнува тој.

Инвестицискиот тим, како што вели Мицковски,  има глобален фокус.

„Логично е секој од нас во оваа работа да го користи искуството и контактите стекнати претходно во одредени пазари. Затоа очекувам добар дел од фокусот да ми биде на британскиот пазар кој го познавам добро и кој има голем потенцијал и од кој очекувам повеќе инвестиции во овој мандат. Северниот дел на Европа, каде трошоците за бизнис се сеуште високи, исто така нуди одлични можности, а доста солиден потенцијал гледам и во Југоисточна Азија, каде исто така имам работено и чиј пазар го познавам добро“, истакнува министерот.

Тој, во интервјуто, меѓу другото посочува дека ќе се заложи за обезбедување повеќе инвестиции и нови работни места за доброто на граѓаните на Македонија.

Инвестицискиот тим на Владата работи одлично, вели Мицковски и додава дека чувствува личен предизвик да помогне со свое знаење и искуство целиот економски проект, кој е многу важен за Македонија да се реализира.