Украина

Нов руски напад врз Киев

20.12.2024 09:55

Русија изврши нов напад врз украинската престолнина. Оштетени се згради, автомобили, регистрирани ранети цивили. Нападите се интензивираат на југот од Украина, додека Москва напредува на источниот фронт. Претседателот Зеленски побара безбедносни гаранции од сад и еу што ќе овозможат почеток на мировни преговори.брисел дециден, продолжува континуираната поддршка за Украина...

Силни експлозии во Киев по серијата предупредувања за балистички ракети истрелани од Русија. Густ чад се издигна над украинскиот главен град, најмалку две лица се повредени. Украинските власти соопштија дека ракети го погодиле и градот Херсон на југот на земјата, при што едно лице загина, а шестмина се ранети. Руската армија напредува побрзо на истокот во последните денови и покрај напорите од партнерите на Киев земјата да добие оружје и опрема да се брани. ЕУ одново вети континуирана поддршка на Украина за време на Самитот во Брисел.

„Знаеме дека 2025-та ќе биде одлучувачка година. Ќе поминат три години од почетокот на руската инвазија. Путин ги удвојува напорите да постигне придобивки. Затоа, зајакнувањето на Украина во моментов е морален и стратешки императив за нас“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Украинскиот претседател побара заеднички безбедносни гаранции од САД и од ЕУ, што ќе овозможи почеток на мировните преговори.

„Верувам дека, особено во сегашната ситуација, од суштинско значење е да ги здружиме нашите напори. Мојот впечаток е дека тоа е целосно изводливо и ќе успееме да обезбедиме Украина да не биде оставена сама и правиме се за да остане суверена и да не биде попречена на нејзиниот пат кон Европската унија“, истакна германскиот канцелар, Олаф Шолц.

Генералниот секретар на НАТО од посетата на воена обука во Бугарија, рече дека е важно да се осигури дека алијансата ќе продолжи да обезбедува воена помош, обука и совети за Украина за да може земјата еден ден да ги започне мировните преговори од позиција на сила. Заедничката единица со седиште во Бугарија, составена до 1.300 војници, беше формирана како дел од посветеноста на НАТО да го зајакне југоисточното крило против потенцијалните закани од Русија.

„Оваа мултинационална борбена група во Ново Село ја поддржува безбедноста на НАТО на источното крило и испраќа јасна порака дека ние сме таму за да ги браниме нашите нации заедно“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Претходно рускиот претседател Путин на годишната сесија за прашања од медиумите изјави дека е подготвен на компромис во врска со Украина во евентуалните разговори за завршување на војната со новоизбраниот претседател на САД Доналд Трамп и дека нема услови за почеток на разговори со украинските власти.

Маријана Димовска