Украина

Русија изврши нов напад врз украинската престолнина, погодена и зградата во која се наоѓа македонската амбасада

20.12.2024 12:27

Во ракетен напад во Киев погодена и зградата во која се наоѓа македонската амбасада. Нема повредени, во моментот во дипломатското претставништво немало вработени. Нанесена материјална штета на објектот и просториите …

Руски ракети завршија во зградата каде што се сместени шест амбасади во Киев, меѓу кои и македонската. При нападот нема повреден дипломатски персонал, но причинета е материјална штета. Министерството за надворешни работи и трговија најостро ги осуди последните ракетирања од руската армија.

Оштетена македонската амбасада во Киев.

„Информираме дека при нападот е погодена и критичната инфраструктура на Голосеевскиот реон, вклучително и зградата каде што се сместени шест амбасади, меѓу кои и амбасадата на Република Северна Македонија. Од надлежните служби е извршен првичен преглед на штетите на самото место и се работи на нивно санирање“.

Украинските власти соопштија дека изминатото деноноќие погодени се градови во централниот и јужниот дел на Украина, има жртви и повредени.

„Ја извадија внуката од подрумот. Добив повик и ја однесов во болница, таа има сериозни повреди“.

„На вториот кат е мојот стан. Се сеќавам како само прелета стаклото и набрзина излегов од дома“.

„Павло Петров, портпарол на Државната служба за итни случаи во Киев“.

„Пет автомобили се целосно изгорени. Оштетени се и куќите во соседството. Пожарот е изгаснат“.

„12 лица побарале лекарска помош, шест од нив се хоспитализирани. Инфраструктурата на градот е тешко оштетена. Фасадите на куќите се уништени. Но, можам да кажам дека последиците можеа да бидат многу полоши“, изјави Виталиј Кличко, градоначалник на Киев.

Русија соопшти дека нападнала цели на индустријата за оружје и безбедносните служби во Киев како одговор на украинските напади со употреба на западни ракети врз хемиска фабрика во јужна Русија. Од Кремљ пак ги дообјаснија изјавите на Путин дека по секој напад од Украина следува одговор.

„Знаете дека беа извршени удари на територијата на Руската Федерација и дека претседателот рече дека секој пат ќе има одговор. Гледате дека следува одговор“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Руската армија напредува побрзо на истокот и покрај напорите од партнерите на Киев земјата да добие оружје и опрема да се брани. ЕУ одново вети континуирана поддршка на Украина за време на Самитот во Брисел.

„Знаеме дека 2025 ќе биде одлучувачка година. Ќе поминат три години од почетокот на руската инвазија. Путин ги удвојува напорите да постигне придобивки. Затоа, зајакнувањето на Украина во моментов е морален и стратешки императив за нас“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

Генералниот секретар на НАТО од посетата на воена обука во Бугарија, рече дека е важно да се осигури дека алијансата ќе продолжи да обезбедува воена помош, обука и совети за Украина за да може земјата еден ден да ги почне мировните преговори од позиција на сила.

„Оваа мултинационална борбена група во Ново Село ја поддржува безбедноста на НАТО на источното крило и испраќа јасна порака дека ние сме таму за да ги браниме нашите нации заедно“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Украинскиот претседател побара заеднички безбедносни гаранции од САД и од ЕУ, што ќе овозможи почеток на мировните преговори. Претходно рускиот претседател Путин изјави дека е подготвен на компромис во евентуалните разговори за завршување на војната со новоизбраниот претседател на САД, Трамп.

 

Маријана Димовска