Енергетика

РЕК Битола не испорачува електрична енергија, двата блока исклучени од мрежа

20.12.2024 16:40

Термоелектраната „Битола 2“ е исклучена од функција изутрината во 8:22 часот поради активирана заштита. Шест минути подоцна, од електроенергетската мрежа е исклучен и термоблокот „Битола 1“ поради активирање на заштитата на трансформаторот за сопствени потреби, соопшпти АД ЕСМ. Во тек се операции за повторно вклучување на првиот блок и според најоптимистичките прогнози тој на мрежа се очекува да биде приклучен во доцните попладневни часови...

Од изутрина нашиот најголем електроенергетски потенцијал РЕК Битола не испорачува електрична енергија. Ако третиот блок од поодамна беше исклучен согласно со планот за производство изутринава за само шест минути од мрежа испаднаа преостанатите две термоелектрани. Од АД ЕСМ велат дека во 8 часот и 22 минути поради активирање на заштитата од функција е исклучен блокот 2, а шест минути подоцна од електроенергетската мрежа е исклучен и термоблокот „Битола 1“. Благодарение на навременото активирање на заштитата не е предизвикана штета врз ТЕ „Битола 1“ и станувало збор за надворешни причини кои се утврдуваат.

Во тек се операции за повторно вклучување на првиот блок и според најоптимистичките прогнози тој на мрежа се очекува да биде приклучен во доцните попладневни часови. Веднаш по неговата синхронизација на мрежа од компанијата велат дека ќе почнат подготвителните операции за вклучување и на ТЕ „Битола 3“ со што ќе се запазел планот до крајот на календарската година РЕК „Битола“ да работи со два блока.

Во ваква состојба потребите од електрична енергија, велат, се надополнуваат со засилено производство од хидропотенцијалите, а останатите количини од увоз кој ги имаат обезбедено, велат од АД ЕСМ.

Тие напомнуваат дека подолго време укажувале за ваквите наследени сложени услови во комбинатот односно неоткриен јаглен и неизвршени ремонти врз термоелектраните. Причини поради кои не ја отфрлаат можноста и за понатамошни дефекти се до некои подобри времиња кога треба да се направат и капиталните ремонти.

 

Стевче Митревски