Селските слави ги враќаат иселениците
Нашите иселеници често доаѓаат во родниот крај да си најдат животен сопатник, да направат свадба според нашите обичаи. Но најчесто славите се оние свети денови кои што ги собираат иселениците на родните огништа. Деновиве така беше во требеништа.

Селските слави зачинети со многу музика,песна и игра од секогаш биле начин на живеење во македонските села, со што се продолжувале традициите на нашите претци и нашите корени. Секое село си има свои слави,,но во тие денови и по малку напуштените населби се полнат со млади луѓе, кои одат по стапките на своите родители. Таков е случајот и со охридското село Требеништа каде што една од славите е Света Недела.
„Местово каде што се наоѓаме од памтивек се вика Света вода.Заради неа доаѓаат луѓе од сите вери,муслиманите доаѓаат на Ѓурѓовден.На тоа место најпрвин направивме една мала просторија и 1994 година ја изградивме оваа црква.За Требеништа пак си остана Света вода од време лековита,за жени што немаат деца и кој како нашол арно така ја прикажува“, вели Кoстадин Маринчески, жител на Требеништа.
На овој ден секоја година раштрканите по светот требеништани се враќаат во родната грутка за повторно да го пучуствуваат мирисот на полското цвеќе,на најубавите и највкусни охридски цреши,да се присетат на минатите времиња.
„Ние ако живееме во далечна Австралија секогаш сочуствуваме со соселаните,со славата на овој ден и гледаме како повеќе да бидеме присутни на денот за Света Недела.Истото го пренесуваме на нашите деца,сакаме да ги потсетиме дека потекнуваат од овие краишта“, вели Наумче Гавриловски, иселеник од Австралија.
„32 години живеам во Австралија ,35 пати сум се вратил во Македонија.Моите деца тука се образоваа,сега се големи,женети,мажени и сакам да им ја оставам традицијата на децата,да продолжат вака како ние“, вели Бале Мицкоски, иселеник од Австралија.
Младите кои потекнуваат од Требеништа и сега доаѓаат од сите страни на светот за тука да си најдат животен сопатник или пак да си дадат завет пред бога пред истиот олтар каде што некогаш се венчале нивните родители.Мигови кои остануваат врежани во нивните сеќавања до крајот на животот.
Сашо Нелоски
