Во руски напад оштетена македонската амбасада во Киев
Во руски ракетен напад во Киев погодена и зградата во која се наоѓа македонската амбасада. Нема повредени, нанесена материјална штета на објектот и просториите. Нападите се интензивираат на југот од Украина, додека Москва напредува на источниот фронт.

Руски ракети завршија во зградата каде што се сместени шест амбасади во Киев, меѓу кои и македонската. При нападот нема повреден дипломатски персонал, но причинета е материјална штета. Министерството за надворешни работи и трговија најостро ги осуди последните ракетирања од руската армија.
„Информираме дека при нападот е погодена и критичната инфаструктура на голосеевскиот реон, вклучително и зградата каде што се сместени шест амабасади, меѓи кои и амбасадата на Република Северна Македонија. Од надлежните служби е извршен првичен преглед на штетите на самото место и се работи на нивно санирање“, информираат од Министерството.
Украинските власти соопштија дека изминатото деноноќие погодени се градови во централниот и јужниот дел на Украина, има жртви и повредени.
„Пет автомобили се целосно изгорени. Оштетени се и куќите во соседството. Пожарот е изгаснат“, изјави Павло Петров, портпарол на Државната служба за итни случаи во Киев.
„12 лица побарале лекарска помош, шест од нив се хоспитализирани. Инфраструктурата на градот е тешко оштетена. Фасадите на куќите се уништени. Но, можам да кажам дека последиците можеа да бидат многу полоши“, изјави Виталиј Кличко, градоначалник на Киев.
Русија соопшти дека нападнала цели на индустријата за оружје и безбедносните служби во Киев како одговор на украинските напади со употреба на западни ракети врз хемиска фабрика во јужна Русија. Од Кремљ пак ги дообјаснија изјавите на Путин дека по секој напад од Украина следува одговор.
„Знаете дека беа извршени удари на територијата на Руската Федерација и дека претседателот рече дека секој пат ќе има одговор. Гледате дека следува одговор“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Руската армија напредува побрзо на истокот и покрај напорите од партнерите на Киев земјата да добие оружје и опрема да се брани. ЕУ одново вети континуирана поддршка на Украина за време на Самитот во Брисел.Генералниот секретар на НАТО од посетата на воена обука во Бугарија, рече дека е важно да се осигури дека алијансата ќе продолжи да обезбедува воена помош, обука и совети за Украина за да може земјата еден ден да ги почне мировните преговори од позиција на сила.
„Оваа мултинационална борбена група во Ново Село ја поддржува безбедноста на НАТО на источното крило и испраќа јасна порака дека ние сме таму за да ги браниме нашите нации заедно“, рече Марк Руте, генерален секретар на НАТО.
Украинскиот претседател побара заеднички безбедносни гаранции од САД и од ЕУ, што ќе овозможи почеток на мировните преговори.. Претходно рускиот претседател Путин изјави дека е подготвен на компромис во евентуалните разговори за завршување на војната со новоизбраниот претседател на САД, Трамп.
Маријана Димовска
