Скопје се подготвува за викенд без вода
Утре голем дел од Скопје ќе остане без вода. Санација на главниот градски цевковод ќе трае околу 15 часа уверуваат од Водовод. Подготовки пред да се затворат славините. Граѓаните во набавка, хируршките клиники ќе работата редовно, Институтот за јавно здравје со препораки...

Се полнат шишиња, кади, се празнат маркети, скопјани се подготвуваат за прекинот со водоснабдување во голем дел од метрополата. До недела вечер ќе нема вода, ќе се работи на санација на дефект на водоводна цевка.
Според најавите на Водовод, на терен ќе се работи 15 часа, на шест пункта. Најмногу време ќе се потроши на полнење и празнење на водоводниот систем.
„Главна цел на овој оперативен план е подобрување на водоснабдувањето и притисокот во општина Ѓорче Петров и Карпош, со репарација на шест сегменти каде во изминатите децении се нотирани огромни загуби на вода“, велат од Водовод.
Од комплексот Клиники „Мајка Тереза“ велат дека се снабдиле со доволни количини вода, но хируршки зафати ќе се изведуваат само на итни случаи.
Во пресрет на новогодишните прослави и зголемениот број странски туристи во земјава трпи хотелско-угостителскиот сектор, има откажани аранжмани за викендов.
Иако од Водовод апелираат да не се шири страв и паника, сепак останува неизвесноста дали екипите на терен ќе можат соодветно да одговорат на сложеноста на четирите дефекти.
Александра Велинова
