Регион

Србија: Нападнат опозицскиот лидер Драган Ѓилас

20.12.2024 16:57

Брнабиќ тврди дека тој бил насилникот кој сака да предизвика граѓанска војна, во недела масовен протест во Белград…

Сите факултети од Белградскиот и Новосадскиот факултет се во блокада, како и факултетите во Ниш и Крагуевац. Им се придружија и средношколците по што владата експресно одлучи распустот да започне во понеделник, една недела порано. Сè повеќе има и инциденти.

Последниот се случи синоќа кога дојде до физичка пресметка меѓу опозицискиот лидер Драган Ѓилас и функционерот на Партијата за Слобода и правда, Ѓорѓе Алексиќ со членот на претседателството на СНС, Лука Петровиќ и група млади сопартијци кои лепеа плакати со порака „Ѓилас е крадец“. По физичката пресметка сите завршија во Ургентниот центар во Белград, со меѓусебни обвинувања кој е виновникот.

„Важно е да кажам дека ова денес покажува кој е насилникот, кои се тепачите, кои се виновниците и инспираторите, дека тоа е Драган Ѓилас и неговата политичка партија. Сега и мене ми е јасно дека тие сакаат граѓанска војна, но мнозинството во Србија тоа не го сака“, изјави Ана Брнабиќ, Претседател на Собранието на РСрбија.

Ѓилас на прес-конференција рече дека Ѓорѓе Алексиќ се здобил со посериозни повреди од него.

„Зад сè стои Српската напредна странка. Ѓорѓе има такви повреди што не може да се движи и тоа му е наложено од лекарите. Ним им се ближи крајот на власта и Србија влегува во состојба во која е можно да се дојде и до човечки жртви. Апелирам за мир и борба со ненасилни средства“, изјави Драган Ѓилас, лидер на Партијата за слобода и правда.

За недела факултетите на Белградскиот универзитет побараа поддршка и најавија масовна блокада на плоштадот Славија.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ