Двојно убиство

И Вања и Панче претрпеле тешко физичко страдање пред да бидат убиени

20.12.2024 16:26

Во Кривичниот суд ново рочиште за двојното убиство. Малолетната Вања се задушувала додека била врзана во вреќата и ја возеле во багажникот од украдениот „Цитроен“, рекоа од Обвинителството. Тврдат дека убиена е клечејќи, а до местото на ликвидацијата се движела, бидејќи на нејзини патики била најдена кал. Истата што ја имала и на колениците и под ноктите. Обдукцијата покажала дека двете жртви, и 14-годишната Вања и 74-годишниот Панче Жежовски, претрпеле тешко физичко страдање пред да бидат убиени …

Вања Ѓорчевска била жива кога од зад грб ѝ било пукано во глава од половина метар – ова го покажала обдукцијата и материјалните докази, изведени пред Кривичниот суд. И таа и Жежовски биле усмртени со куршуми со ист калибар-9 милиметри. Анализата на ДНК-трагите од самолепливата лента којашто била пронајдена на устата на девојчето, покажала дека има траги кои одговараат на обвинетиот Велибор Манев.

Првообвинетиот Палевски побара од судот вештачење на неговиот телефон, за да се докаже дека немало комуникација меѓу него и таткото на Вања, кој се товари за помагање при киднапирањето.

Се докажа дека Алексадар Ѓорчевски во критичниот момент контактирал само со најблиското семејство-изјави неговиот адвокат.

Обвинителството тврди дека Жежовски бил егзекутиран во полунаведната положба, со главата свиткана надолу. Првообвинетиот Палевски рече дека на церадата со која бил завиткан Панче немало отисоци од него и побара изземање на судијата, бидејќи според него, недозволиво е да не се бара оружјето со кое се извршени убиствата.

Доказите, пак, покажале дека траги во возилото „Рено Кангу“ имало од обвинетите Манев, Кешишев и Видевски.

Следното рочиште на судскиот процес за убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е закажано за на 20-ти јануари следната година.

Марина Стојанова-Тонева