Случај „Лотарија“

Не стивнуваат реакциите по бегството на Груби

20.12.2024 14:58

СДСМ се сомнева дека бегството на Груби не е никаков пропуст, туку за добро организирана работа од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, заедно со министерот Тошковски, за да се пушти Груби да избега. Премиерот Мицкоски ја повика опозицијата да ги коригира изјавите во јавноста и да не шпекулираат...

Премиерот Мицкоски со порака до опозицијата да си ги коригираат изјавите во јавноста. Една личност дава различни изјави на различни места и, како што рече, тие се последниот столб во одбрана на интересите на СДСМ. Реакцијата доаѓа по обвинувањата од социјалдемократите дека поранешниот вицепремиер Артан Груби бил намерно пуштен да замине преку граничниот премин Блаце на Косово.

Груби навреме добил дојава од МВР со кое управува Тошковски, а полициската контрола немала никаква информација, ниту кого треба да очекува, ниту со какво возило, што е прв сомнеж и јасен индикатор дека намерата не била да се спречи неговото бегство, туку да биде параван за, де факто, неговото пуштање надвор од државата, тврдат од СДСМ.

Поранешниот вицепремиер Груби и ексдиректорот на Државна лотарија, Бајрами, сè уште се недостапни за органите на прогон. МВР распиша меѓународни потерници. Се товарат за проневера на околу осум милиони евра од „Државната лотарија“. Нивните адвокати поднесоа жалби на одлуката на судот за определениот притвор.

 

Милчо Велески