Хрватска

19-годишник изврши напад со нож во основно училиште во Загреб, усмртил седумгодишно дете

20.12.2024 18:13

Трагедија во основното училиште „Пречко“ во Загреб. 19-годишник влегол во училница, со нож усмртил седумгодишно дете, повредена е наставничка и уште пет ученици. Тие се надвор од животна опасност по извршените оперативни зафати. Незапаметена трагедија, шок за сите, порача хрватскиот претседател Милановиќ. Утре ден на жалост...

Детето кое било прободено и починало имало само седум години. Другите болничко згрижени се на возраст од седум до 11 години. Во паниката, децата и вработените бегале преку прозорците на училиштето.

„Немавме поим што се случува, полицијата влета во училиштето, сторителот бегаше кон Здравствениот центар преку улица. Дојдов да си го земам детето кое е трето одделение“, изјави очевидец.

Надлежните од училиштето итно го спровеле безбедносниот протокол, веднаш е затворено училиштето и известени родителите.

„Овде примивме две деца, на возраст седум и 11 години, за среќа повредите не се животозагрозувачки. Сè уште ги утврдуваме последиците на повредите“, изјави Ива Хојсак-в.д. директорка на Детската болница – Загреб.

„Примивме машко и женско лице, имаат сериозни повреди од бодење. Жената е сериозно повредена во областа меѓу вратот и стомакот“, рече Жарко Рашиќ-Клиничка болница „Свети дух“.

Сторителот, за кого полицијата вели дека е поранешен ученик во училиштето и е психолабилна личност, бил уапсен во брзата интервенција додека се обидувал да се самоубие.

„Сторителот живеел во близина на училиштето. Истрагата ги собира снимките од камерите. Земаме изјави. Реагиравме за 10 минути откако ни пријавија. Имал болничко досие, ментално е лабилен“, изјави Давор Божиновиќ – министер за внатрешни работи на Хрватска.

„Нашиот кризен тим итно се упати кон училиштето. Ако е потребно, со соодветни стручњаци ќе работиме со родителите и со учителите за да ја надминеме кризата“, изјави Радован Фукс-министер за образование на Хрватска.

„Најискрена поддршка за родителите на повредените. Ќе ве известиме кога ќе имаме повеќе информации“, изјави Андреј Пленковиќ-премиер на Хрватска.

Утре црни знамиња во Хрватска, прогласен е ден на жалост.

Зоран Богатинов