Директорите на клиники под лупа
Работата на директорите на Детската клиника и во Козле под лупа на здравствените власти. Се проверува колку стручно и компетентно менаџираат со установите, по смртните случаи и поплаките од вработените за мобинг...

Министерот за здравство се сретнал со докторите од Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“, кои пратија отворено писмо дека директорката лошо менаџира со установата и им врши мобинг. Таравари без конкретен одговор како ќе постапи – вели за неколку директори се прави анализа колку стручно и компетентно ги водат здравствените установи.
„Ги евалуираме повеќето директори, ни требаат повеќе индикатори. Не сакаме да постапиме емоционално. Ни требаат сигурни докази таму каде што гледаме дека директорите не раководат баш како што треба, треба да се заменат со подобри. Меѓутоа, сега не би сакал веднаш да кажам. Треба да донесеме коректна и прагматична одлука“, изјави Арбен Таравари – министер за здравство.
По неколкуте смртни случаи на Детската клиника, министерот Таравари е резервиран дали ќе го смени директорот на оваа здравствена установа, вели во тек е стручен надзор на клиниката и се проверува работата на директорот, за разрешување и именување директори не требаат емоции, туку податоци. По смртта на седуммесечното бебе, Здравствениот инспекторат утврди пропусти во лекувањето, Таравари вели дека таа вечер дежурале тројца специјалисти. Ова беше четврти смртен случај за три месеци.
По новогодишните празници неколку директори нема да останат на раководните функции на здравствените установи. Кои ќе бидат разрешени, засега не се открива, бидејќи во тек се анализите на Министерството за здравство.
Андријана Ѓурческа
