Битола

Синоќа во Битола стартуваше „Зимска приказна 2024“

21.12.2024 12:06

Предновогодишната магија и забава во Битола добива на динамика и квалитет. Синоќа на плоштадот Магнолија со промоција на новата содржина отвореното лизгалиште беше свечено отворена овогодишната зимска приказна која ќе трае до почетокот на божиќните празници.

Со предновогодишно дефиле на дувачкиот оркестар, танцот на снегулките и промоција на отвореното лизгалиште на плоштадот Магнолија битолчани ја започнаа богатата зимска приказна подготвена за сите вкусови.

Најградската дама веќе блешти во новогодишното руво. Додека светлосните ефекти се претопуваат во старата архитектура од денеска и музичките звуци ќе придонесат да се надмине монотонијата и секојдневните проблеми велат и од помладата популација.

Од локалната самоуправа велат оваа зима приказната не се чита туку се доживува. По тие доживувања посегнуваат и гости од соседна Грција и околните општини што дава и развојни компоненти на угостителско сместувачкиот сектор.

Она што може програмски да се забележи е дека ќе доминира македонскиот мелос и песна. Ќе се игра и пее на повеќе делови од градот, но сепак најмасовно ќе биде на организираниот дочек на Новата година на платото од Офицерскиот дом каде ќе настапат и еминентни имиња од нашата естрада.

 

Стевче Митревски