Расте бројот на жртви по нападот во Магдебург
Расте бројот на жртви по вчерашниот напад со автомобил на божикен пазар во германски Магдебург. Десетици се повредени. Уапсен е 50 годишен маж од Саудиска Арабија со постојан престој во Германија. Полицијата објави дека засега не трага по други осомничени. Се работи на утврдување на мотивите. Канцеларот Шолц во посета на местото на нападот.

Предбожикната магија се претвори во кошмар откако автомобил влета во преполниот божикен базар во Магдебург, Германија. Расте бројот на жртви. Десетици се повредени. 50-годишнен маж е уапсен.
„Одев од трговскиот центар кон божиќниот пазар кога забележав придушени звуци, a потоа врескање, толпи луѓе во паника, а потоа го видов автомобилот како вози покрај патот бидејќи стоевме на сообраќаен остров. Еден дел од нашата група трчаше наназад, јас истрчав напред кон зградите“, изјави Тобијас Рауш, сведок и политичар на Алтернатива за Германија.
„Го видовме ужасот на ТВ дома. Всушност, сакавме да одиме на божиќниот пазар, за среќа не бевме таму. Едноставно ми беше драго што не отидов со мојата пријателка и моето малечко“, рече локален жител.
Осомничениот бил лекар од Саудиска Арабија, специјалист по психијатрија и психотерапија со постојано живеалиште во Германија. Полицијата соопшти дека е извршен претрес во куќа во градот Бернбург и засега не бара друг осомничен.
„Насилникот е уапсен. Станува збор за 50-годишен маж од Саудиска Арабија, кој првпат влегол во Сојузна Република Германија во 2006 година. Последен пат работел како лекар во Бернбург. Според досегашните информации, тој дејствувал сам. Нема информации за други сторители. Се друго е предмет на понатамошна истрага“, изјави Тамара Зиешанг, министерка за внатрешни работи за покраината Саксонија-Анхалт.
Според германските медиуми, напаѓачот бил симпатизер на крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија и голем критичар на поранешната канцеларка Ангела Меркел и нејзината отворена политика кон мигрантите.
„Како градоначалник на главниот град на државата Магдебург можам само да кажам колку сум шокирана и длабоко погодена“, изјави Симоне Борис, градоначалник на Магдебург.
Крвавиот пир се случи речиси осум години од денот откако Германија го претрпе најсмртоносниот напад досега, кога Тунижанец влета со камион на божиќниот пазар во Берлин, при што загинаа 13 лица.
„Ситуацијата е драматична. Затоа што ова се случува овде, во Магдебург, во време на Божиќ, и практично во исто време со 8-миот ден на сеќавање на нападот во Берлин, каде што вчера беа споменати загинатите, на соодветен настан“, изјави Рајнер Хаселоф, премиер на Саксонија-Анхалт.
Властите на Саудиска Арабија го осудуваат нападот на божиќниот пазар во германскиот град Магдебург, соопшти саудиското Министерство за надворешни работи.
Маријана Димовска
