Активизам против пиротехнички средства
Десетици несреќи годишно се препишуваат на експлозиите од петарди. Светската статистика покажува дека над 150.000 луѓе во светот годишно остануваат инвалиди поради употреба на петарди, а дури 80 отсто од нив се деца. Во пресрет на празниците во Охрид започна кампањата „Петардите не се играчка“...

Повреди на раце, нозе, лице, опекотини и трајни телесни инвалидитети се дел од повредите во десетиците несреќи годишно, кои се препишуваат на експлозиите од петарди. Во пресрет на празниците кога забележително е зачестена употребата на пиротехнички средства, во Охрид започна кампањата „Петардите не се играчка“. Преку едукативни летоци и симултани вежби, целта е да се подигне свеста за опасностите и ризиците од употребата на пиротехнички средства.
„Преку организирање на вакви јавни настани кои што треба да покажат и укажат на најмладите пред се, но и на нивните родители дека користењето на петарди не е играчка, последиците од користењето на такви пиротехнички средтсва може да биде многу лошо, опасно па и фатално во некои случаи токму“, изјави Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид.
Од охридската полиција потсетуваат дека продажбата на пиротехнички средства е нелегална, а казните се високи и за оние кои употребуваат, но и за оние кои продаваат.
„Според казнените одредби на Законот за јавен ред и мир паричната казна изнесува од 200 евра, а согласно Кривичниот законик член 396 за оние лица кои набавуваат поголеми парчиња пиротехнички средства казнените одредби се од 3 до 10 години затворска казна“, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Светската статистика покажува дека над 150.000 луѓе во светот годишно остануваат инвалиди поради употреба на петарди, а дури 80 отсто од нив се деца.
Соња Рилковска
