Партиите со меѓусебни обвинувања за случајот „Артан Груби“
Вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити вели дека Артан Груби повеќе не е во Косово туку е во Албанија. Од Вреди го повикуваат да се врати и да се соочи со правдата. ВМРО-ДПМНЕ ги обвини социјалдемократите дека се виновни што Груби неказнето крадел. Опозициската партија одговори – му помогнавте да избега, ништо не ве пере.

Од Косово Артан Груби најверојатно преминал во Албанија. Своите сомнежи ги искажа првиот вицепремиер во Владата Изет Меџити. Вели дека на политичарите е да дадат порака дека борбата против корупцијата е бескомпромисна и никој не е над Законот.
СДСМ се виновни што Груби неказнето крадеше, сите знаеја дека краде, а никој не смееше да го санкционира – велат во ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ реплицираат ништо не го пере ВМРО-ДПМНЕ за тоа што му овозможија на Груби слободно да ја напушти земјата преку граничниот премин Блаце. Границата кон Косово ја сведоа на решето за слободно поминување на криминалци и терористи.
Демократскиот сојуз вели почната е борбата против тешкиот криминал и повторно ја актуализираат темата за отворање на Агенција за борба против тешки облици на криминал и корупција.
ДУИ повторно го актуализира носењето на Законот за рестриктивни мерки, коалицијата Вреди го повика Груби да се врати и да соочи со правдата.
Непосредно пред да биде извршен претрес во неговиот дом Артан Груби ја напушти Македонија, на Косово го однел почесниот конзул во земјава. Груби по заминувањето од земјава рече дека е чист како солза и ќе се врател. За него веќе има меѓународна потерница.
Миле А. Ристески
