Германија

Шолц најави детална истрага и ја повика нацијата да застане против омразата

21.12.2024 16:48

Расте бројот на жртви по нападот со автомобил на божикен пазар во германски Магдебург. 200 лица се повредени, од кои десетици потешко. Уапсен е 50-годишен маж од Саудиска Арабија со постојан престој во Германија. Се работи на утврдување на мотивите. Канцеларот Шолц најави детална истрага и ја повика нацијата да застане против омразата.

Расте бројот на жртви откако автомобил влета во толпа на преполниот божикен базар во Магдебург. 200 луѓе се повредени, од кои десетици потешко. 50-годишен маж е уапсен. Осомничениот бил лекар од Саудиска Арабија, со постојано живеалиште во Германија речиси две децении. Германскиот канцелар од местото на нападот најави детална истрага и ја повика нацијата да застане против омразата.

„Страотен чин е да се повредат и убијат толку многу луѓе со таква бруталност. Ние треба да останеме заедно како земја, да се држиме заедно и да разговараме. Омразата не е она што го одредува нашето заедништво, туку фактот дека ние сме заедница која сака да има заедничка иднина“, изјави Олаф Шолц, канцелар на Германија.

„Досега имаме биланс кој е уште пострашен отколку што можевме да процениме изминатата ноќ. Имаме над 200 луѓе кои се повредени, многу од нив сериозно и критично. Тоа е нешто што никој од нас не можеше да замисли дека може да се случи“, изјави Рајнер Хаселоф, премиер на Саксонија-Анхалт.

Полицијата соопшти дека засега не бара друг осомничен. Жителите во шок и неверување за немилиот настан пред божикните празници.

„Сите помагавме како што можевме, добивме ракавици и термос-ќебиња, трогателно беше, не сакам да го доживеам ова повторно“, вели локален жител.

„Го видовме ужасот на ТВ дома. Всушност, сакавме да одиме на божиќниот пазар, за среќа не бевме таму“, рече локален жител.

„Одев од трговскиот центар кон божиќниот пазар кога забележав пригушени звуци, a потоа врескање, толпи луѓе во паника, а потоа го видов автомобилот како вози покрај патот бидејќи стоевме на сообраќаен остров. Еден дел од нашата група трчаше наназад, јас истрчав напред кон зградите“, изјави Тобијас Рауш, сведок и политичар на Алтернатива за Германија.

„Едноставно ми беше драго што не отидов со мојата пријателка и моето малечко“, рече локален жител.

Германски медиуми објавија дека напаѓачот бил симпатизер на крајнодесничарската партија Алтернатива за Германија и голем критичар на поранешната канцеларка Ангела Меркел и нејзината отворена политика кон мигрантите.

 

Маријана Димовска