Во Охрид најбарани тридневните Новогодишни аранжмани
Сместувачките капацитети на брегот на Охридското Езеро се веќе букирани. За Новогодишните празници најбарани се тридневни аранжмани, кои се движат од 150 до 250 евра по лице. Според туристичките работници Охрид и натаму е најевтина дестинација во регионот...

Угостителите и хотелиерите ги тријат рацете, се очекува илјадници гости од земјава, но и од регионот, особено од соседна Србија празниците да ги минат на брегот на Охридското Езеро. Поголемиот дел од капацитетите се веќе букирани. Цените на аранжманите во хотелите се движат од 150 до 250 евра по лице за три денови полупансион со вклучен свечен дочек на Новата година.
Според туристичките работници Охрид и натаму е најевтина дестинација во регионот.
„Многу е битно да се каже која е понудата во однос на цената еве како што реков нашата понуда не е нешто премногу богата како големите европски метрополи, но сè уште Охрид како туристичка дестинација и во лето и зима нема поконкурентно место за посета. Сè уште сме многу конкурентни на пазарот“, изјави Челик Асим, туристички работник од Охрид.
Охрид е привлечен за Новогодишните празници, но мора да се работи на збогатување на зимската понуда за привлекување на повеќе туристи, смета научната фела.
„Имаме истапкани патеки дајте малку да ги раздвижиме. Бидејќи вака имаме концентрација на одредени точки тие се критични, црвени точки и тогаш има проблем. Да ги дистрибуираме туристите онаму каде што не виделе нешто“, Сашо Коруноски, професор на ФТУ Охрид.
По охридската чаршија Новогодишен амбиент, музика, украси, макети, декорации и многу Дедо Мразовци за празнично расположение.
Соња Рилковска
