Скопје

ЈП „Водовод и канализација“: Водата во Скопје може непречено да се користи

22.12.2024 11:44

По вчерашниот долготраен прекин на водоснабдувањето во погоглем дел од главниот град, ЈП „Водовод и канализација“ спровеле вонредни мерења кои покажале дека водата одговара на Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење...

По вчерашниот долготраен прекин на водоснабдувањето во погоглем дел од главниот град, ЈП „Водовод и канализација“ спровеле вонредни мерења кои покажале дека водата одговара на Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење.

Водата во скопскиот водовод може непречено да се користи, што значи дека е и безбедна за пиење, соопшти ЈП „Водовод и Канализација“. Информацијата доаѓа по вчерашниот долготраен прекин, во кој вода немаше поголем дел од главниот град, и откако биле направени анализи на повеќе точки.

„Мониторингот опфати 9 (девет) клучни места и тоа во Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош од каде беа земени примероци од водата за пиење врз кои беше изведено физичко-хемиско и микробиолошко лабораториско тестирање“, соопштија од ЈП „Водовод и канализација“.

Покрај теренските мерења на рутинските параметри, велат од јавното претпријатие, тестирањето било извршено со стандардна метода и јонска хроматографија за физичко-хемиската анализа. Мерењето вклучувало и микробиолошката анализа.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки ОДГОВАРААТ на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр. 183/18), со што констатиравме дека водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е санитарно исправна и истата може од страна на граѓаните непречено да се користи“, соопштија од ЈП „Водовод и канализација“.