Блиски Исток

Раселеното население од Појасот Газа пред нов предизвик, пристигна зимата

22.12.2024 12:17

Војната на Блискиот Исток остави пустош зад себе. Раселеното населени пред нов предизвик, пристигна зимата. Од ООН предупредија дека луѓето кои живеат во импровизирани засолништа во Газа можеби нема да го преживеат студот. Инфраструктурата е сериозно уништена и во јужен Либан по битките меѓу Израел и Хезболах. По речиси 14 години граѓанска војна жителите на соседна Сирија се вратија во татковината, но не и во своите домови.

Зимата пристигна во Појасот Газа. Погодени се речиси два милиони Палестинци, раселени од разорната 14-месечна војна. Луѓето кои живеат во импровизирани засолништа можеби нема да ја преживеат зимата, предупредија од ООН. Продолжуваат и наредбите за евакуации. Жртви и повредени по напад на училиште во кое биле сместени раселени семејства. Израелската одбрана тврди дека побарала евакуација, а цел на нападот биле борците на Хамас.

„Студот надвор е многу суров и силен. Затоа, остануваме внатре во шаторот. Мојата 7-годишна ќерка плаче ноќе од студот“, рече раселен од градот Газа.

„Немаме соодветна облека. Не очекувавме дека ќе живееме таков живот. Мојата куќа не север беше толку добра“, рече раселена од Џабалија.

Преговорите за примирје со Хамас продолжуваат. Израел бара машките заложници да бидат ослободени во првата фаза од договорот, Хамас пак компензација. На улиците во Тел Авив нови протести за ослободување на заложниците од 7-ми октомври лани.

„Има тековни разговори и тековни чекори кон договорот и слушаме позитивни вести. А потоа премиерот дава изјава за странските медиуми во која се наведува дека шпекулациите не се вистинити“, вели демонстрант.

„Видете, секогаш кога има разговори морам да бидам оптимист. Иако сум многу, многу загрижен што премиерот Нетанјаху ќе даде се од себе за повторно да го замрзне договорот како што направи за секоја шанса за преговори во изминатите 14 месеци“, рече демонстрант.

Во јужен Либан пак, кој е силно погоден од неодамнешната ескалација меѓу Израел и Хезболах истакната потребата од поддршката од агенцијата за палестински бегалци УНРВА.

„Толку многу уништување. Економски крах, експлозија на пристаништето во Бејрут, политичка парализа. И сега овој последен бран на конфликт кој направи таква штета на цивилната инфраструктура низ Либан. Ја видов важноста на она што го прави УНРВА. Образование, здравство, егзистенција“, изјави Том Флечер, заменик-генерален секретар за хуманитарни прашања и координатор за итна помош.

Не е подобра состојбата и во соседна Сирија. По речиси 14 години граѓанска војна меѓу силите на поранешниот претседател Ал Асад и опозициските бунтовнички групи, сириските градови и села се сериозно уништени. Граѓаните се вратија во татковината, но најдоа само урнатини.

„Бегавме во Турција седум години и кога падна режимот и беше ослободен Дамаск. Но, нема знаменитости и траги од куќата“, рече Сириец кој се вратил во Дамаск.

„Бев во притвор 12 години. Бев ослободен и дојдов во мојата куќа во Кабун, но не можев да ја најдам“, рече ослободен затвореник.

Сириските власти продолжуваат со назначувањата на челните позиции во преодната влада. Во меѓувреме Американски сенатори поднесоа предлог-закон кој предвидува санкции против Анкара поради нејзините напади врз курдските Сили на демократска Сирија поддржани од Вашингтон кои дејствуваат во регионот во борба против Исламска држава.

Маријана Димовска