Неколку декани од Штискиот универзитет повикуваат на прекин на штрајкот
Преку отворени писма до професорите-штрајкувачи, неколку декани од Штипскиот универзитет повикуваат на прекин на штрајкот и почитување на процедурите. Професорите ова го оценија како непотребно инволвирање на останатите факултети во целиот случај.
По Ректорот на штипскиот универзитет Саша Митрев кој на прес конференција повика на прекин на штрајкот со глад и почитување на, со закон утврдените постапки за избор во повисоко звање, денес преку отворено писмо се огласи и деканот на Правниот факултет во Штип, Јован Ананиев. Тој, искажувајќи загриженост за здравјето на своите колеги, упати и апел за трпение и верба дека нивниот проблем ќе се реши на полесен начин, во рамките на Универзитетот. Не оспорувајќи го уставното право на штрајк, Ананиева сепак потсети дека претходно треба да се искористат сите права кои ги овозможуваат законите и универзитетските акти:
„Ве замолувам штрајкот со глад да не го применувате за одлука која не е конечна. Во период на колективен годишен одмор, кога не може да одлучува ниту еден факултетски и универзитетски орган, препорачувам да се воздржите од овој краен чекор кој го преземавте и да имате поголема доверба во праведноста и професионалноста во работењето на Универзитетот. Ве уверувам дека академските начела на дијалог и мирно решавање на спорови се длабоко втемелени во нашиот Универзитет“, стои во отвореното писмо што деканот на Правен, Ананиев го упати до своите колеги од Економскиот факултет.
Претходно, со слични писма се огласија и проректорот на штипскиот универзитет Блажо Боев, како и деканката на Филолошкиот факултет Јованка Денкова. Двајцата апелираа за прекин на штрајкот и решавање на проблемите во рамките на академската заедница користејќи ги механизмите кои стојат на располагање , а кои нудат решение за вакви и слични проблеми.
Од друга страна, тројцата професори Матлиевска, Костадиновски и Шајновски писмата на нивните колеги ги оценија како непотребно инволвирање на другите факултети во целиот случај и не најавуваат прекин на штрајкот.
Тројцата професори од Економскиот факултет – Штип, повеќе од две недели гладуваат во знак на револт поради недобиената поддршка за избор во повисоко звање, откако претходно добиле позитивни извештаи од рецензентските комисии.
Оливера Жежова
