Сторија

Сведоштво на македонски лекари во Магдебург

22.12.2024 12:51

„Сè уште сме длабоко потресени од тоа што се случи во центарот на Магдебург“ – македонските доктори сведочат за пеколната ноќ на нападот и помошта што ја укажале. Едниот бил дежурен на клиниката, а другиот со уште неколкумина колеги биле недалеку, на друг новогодишен пазар. Лошата вест за кусо ги мобилизирала на едно место.

Дента ништо не навестувало дека божиќниот маркет во Магдебург ќе се претвори во ужас за многумина. Доктор Златко Станкоски кој работи во клиниката во овој град за МТВ вели дека за влакно ја избегнал несреќата бидејќи се наоѓал со неколку свои колеги само на 500 метри оддалеченост од местото на нападот. Неговиот колега доктор Владимир Митевски ја слушнал лошата вест додека дежурал во одделението за интензивна кардиолошка нега. Благодарение на германскиот систем за алармирање на сите лекари за итна медицинска помош во случаи на вакви трагедии и природни катастрофи Станкоски веднаш се упатил во клиниката Магдебург во која и работи каде се придружил на Митевски и другите колеги.

„Во болницата веднаш беше формиран кризен штаб и пристигнаа многу колеги кои не беа на должност, вклучувајќи доктори од различни специјалности, медицински сестри, помошен персонал и други. Организацијата и солидарноста беа на највисоко ниво. Нашата болница прими 11 пациенти со тешки повреди и 67 со полесни повреди. Искрено се надеваме дека вакви трагични ситуации никогаш нема да се повторат.“ велат за МТВ македонските доктори од Магдебург Станкоски и Митевски.

Во Магдебург луѓето сè уште се потресени од терористичкиот напад.

„Слушнав од многумина кои се нашле некако таму и за влакно ја избегнале целата работа. Многу од нив се во болница, далечни познаници и добри пријатели, колеги од работа. Страшно е“.

„Тоа е длабока лузна и мораме да бидеме заедно и покрај се. Мора да се обидеме да го задржиме она што може да се направи од неа“.

„Се разбира, постојат многу нејаснотии. Не може да се разбере како луѓето можат да им го направат тоа на другите луѓе. Понекогаш речиси се чувствувате како да гледате филм, но факт е дека тоа е реалност“, изјави Регина Стилер Хинц, заменик-градоначалник на Магдебург.

На возачот инаку доктор со потекло од Саудиска Арабија кој во петокот со автомобил влета на преполниот божиќен базар одреден му е притвор. Обвинителот соопшти дека во нападот загинале пет лица, а повеќе од 200 се повредени.

Фиљана Кока