водовод

Водата во Скопје е безбедна за користење

22.12.2024 15:43

Водата е исправна и безбедна за пиење – ден по прекинот состојбата со снабдувањето е нормализирана. По вонредните контроли, резултатите одговараат на правилникот за квалитет.

По санацијата на дефектот, Водовод изврши вонреден мониторинг со физичко-хемиско и микробиолошка анализа, која покажала дека водата е исправна.

Секторот санитарна контрола на Водовод зел примероци на 9 клучни места, во Автокоманда, Сингелиќ, Маџари, Ново Лисиче, Центар, Драчево, Пржино, Ѓорче Петров и Карпош.

„Добиените резултати од сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење, со што констатиравме дека водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е санитарно исправна и истата може непречено да се користи од страна на граѓаните“, велат од Водовод.

Граѓаните почнаа да користат вода од чешма, дел ја користат набавената флаширана вода, а има и такви што користат само вода од природни извори.

И Агенцијата за храна и ветеринарство ќе излезе на терен да направи флорирање на водата. Екипи на Институтот за јавно здравје ќе земат примероци за анализа. Резултатите од физичко-хемиските испитувања ќе бидат познати истиот ден, но од бактериолошките по неколку дена, оти првото читање се прави по 24 часа, второто по 48 часа, велат од Институтот.

 

Ирина Гелевска